Во рамки на проектот “Унапредување на медиумската писменост во образованието во Македонија“, кон крајот на август започна вториот дел на обуки со кои беа опфатени наставниците по мајчин јазик од основните и средните училишта од Битола, Ресен, Демир Капија, Кавадарци, Неготино, Демир Хисар и околните помали населени места.
Повеќе од 100 наставници и професори беа дел од овие обуки на кои имаа можност да се запознаат со Медиумската писменост како една релативно нова област чија основна цел е да ги унапредува знаењата на младите во однос на улогата и функцијата на медиумите во општеството, и на тој начин кај нив да развива еден критички и аналитички пристап при перцепцијата на медиумските содржини кои произлегуваат како од традиционалните така и од новите медиуми. Овие обуки беа организирани и спроведени од страна на Македонскиот институт за
медиуми и Институтот за демократија, во соработка со Европскиот центар за новинарство и Бирото за развој на образованието, финансиски поддржано од програмата МАТРА на холандското Министерство за надворешни работи.