Викиликс е непрофитна организација основана во 2007 година и промовира проток на информации кои се однесуваат на владината и корпоративната корупција. Викиликс ги пренесува оние дипломатски активности кои се доверливи и ги прави достапни за целата светска јавност. Досега се објавени илјадници тајни американски документи за војните во Авганистан и Ирак како и тајни депеши на американските дипломати и разузнавачи што во голема мера ги “вознемири” многумина од светските лидери.
Основачот на Викиликс – австралијанецот Џулијан Асанж, заедно со волонтерите кои ги крадат и објавуваат тајните документи, функционираат врз основа на принципите на одбрана на слободата на говор и медиумското публикување, стекнување повеќе докази за историјата и поддршка на правото на сите луѓе да креираат нова подобра историја. Се работи за независна глобална група на идеалисти и ентузијасти кои се посветени на овие принципи. Асанж смета дека постоењето на Викиликс е многу важно бидејќи публикувањето доверливи информации ја зголемува транспарентноста, а таа создава помалку корупцијата и подобрена демократичност на институциите. Во постигнувањето на овие цели – медиумите преку публикувањето информации имаат клучна улога, но според Асанж во последните години тие се многу малку независни и имаат помалку воља да поставуваат проникливи и провокативни прашања кон владите, корпорациите и другите важни институции. Идеалот и уверувањето дека таа ситуација треба да се промени резултира со создавањето на Викиликс.
Веб страната е посветена на публикување документи кои „протекле„ од разни извори низ светот. Асанж дизајнира специјален софтвер за заштита на идентитетите на „крадците” за Викиликс, преку комплетно бришење на нивните идентитети пред тие да пратат документи на сервери насекаде низ светот. Како резултат на тоа, нема никаква трага кој, кога, каков документ предал. Сајтот се смета за нецензурирана Википедија за документи кои се од значење за целиот свет, а на кои не можете да им ја најдете трагата. На оваа веб страна се наоѓаа многу „тајни“ и контроверзни документи, а истовремено е најбезбедна за информаторите.
Последниот месец Викиликс ја разбранува светската јавност – и ги предизвика светските лидери. Неможноста да се натера Асанж да престане да објавува документи кои според владите на многу земји не треба да и бидат достапни на светската јавност, ги натера да посегнат по други средства со кои би му извршиле притисок. Шведските власти повторно го гонат за нешто за што предходно беше ослободен – обид за силување врз основа на што Интерпол издаде потерница по него. Исто така страната Амазон одби да му обезбеди хостирање, а сервисот за финансиски трансакции Пеј Пал (Pay Pal) престана да ја опслужува сметката на која беа уплаќани донации за Викиликс, Кина која воедно го има забрането и Фесбук, ЈуТјуб и Твитер истот така го блокираше и овој сајт... Домеинот wikileaks.org веќе се забрани, но затоа пак во Швајцарија се појави нов домаин wikileaks.ch. И покрај тоа што цел свет трага по него, Асанж не престанува. Тој смета дека нема да престане да ја брани слободата на говор бидејќи само така може да се изгради поздраво и подобро општество. Според него само доколку работата на владите е транспарентна – тие навистина ќе се залагаат за подобра иднина. Но, и покрај ова, многумина претпоставуваат дека можноста да се украдат и објават документи кои се сметаат за тајни ќе ги натера владите во иднина да најдат начин како уште повеќе да ги заштитат оние информации кои сметаат дека не треба да бидат достапни на јавноста.
Истовремено, многу светски лидери се обидуваа на секој начин да го оправдаат својот негативен став во однос на Асанж и Викиликс – односно Асанж да биде затворен, веб страната да не постои. Белата Куќа ги оправдува своите барања со тврдења дека информациите објавени на Викиликс ја загрозуваат безбедноста на американските дипломати и разузнавачите.
Гледајќи ги документите може да се откријат најразни информации – од тоа како Саудискиот крал Абдула постојано апелирал до САД да го нападнат Иран за да ја превземе нуклеарната доминација на арапскиот полуостров, до разузнавачки и дипломатски амаерикански извори во врска со другите светски лидери. Пример- претседателот на Русија Дмитриј Медведев е „Робин“ ( во случајов Путин е Бетмен), а Махмуд Ахмадинеџад – претседателот на Иран е опишан како Адолф Хитлер.