Медиумите и политиката
ХИПЕРСТВАРНОСТ
Џ.Ф. Кенеди, според мислењето на најголем број медиумски авторитети, е првиот телевизиски претседател на САД. Неговата изборна победа во 1960 година над Ричард Никсон во голем дел е резултат на телевизиските дебати, како дел од предизборната кампања. Покрај неоспорниот државнички талент, во голема мера тој бил поткрепен од советничкиот тим за медиуми, кој апсолутно бил свесен за важноста на насмевката, изборот на вратоврската, ритамот на говорот, сугестибилноста на гестикулацијата. Неговиот високомодернистички културен настап, облагороден со елементи на европскиот добар вкус и чувство за медиумска непосредност, се составен дел од успешната формула за еден нов императив на политичко дејствување т.н. телевизиска /медиумска/ вистина, што во наредниот период молскавично ги освојува сите општественополитички, социјални и гносеолошки аспекти на постоењето.
Денес, половина век подоцна, во ерата на апсолутната медијализација, фактот дека е нешто вистинито затоа што се појавило на телевизија или во весниците, е анахрон идеализам. Денес, медиумите без пардон ја артикулираат и моделираат реалноста во согласност со своите принципи. Создадени се и разработени до совршенство жанрови и типологии со кои ги преземаат приматот и контролата врз сублимираната (од нив самите) реалност. Тие со својот силен продор и опсег, веќе се активен содржински чинител на една нова историско спознајна димензија - хиперреалност.
Актуелната политика очигледно е медиумски писмена и итра и е наполно свесна за принципите и за технолошко-информацискиот карактер на стварноста. Сите политички гарнитури, без исклучок, во нашите бурни дваесет години транзициско живеење, за еден од врвните приоритети во своето дејствување ја претпоставувале стратегијата на освојување на виртуелниот простор преку континуирано кадровско присуство и добро осмислен настап.
Кампањите и медиумската помпа години наназад се неодминлив дел на активната и пасивната политичка пропаганда и во нашиот политички живот. Во бурниот плурален амбиент сé повеќе се насетува влијанието на клучните аспекти на медиумската презентација: реториката и усниот координиран настап, ритамот на презентацијата во согласност со ритамот на перцепцијата на потенцијалното гласачко тело, т.н. „секундарна оралност“ - визуелна вештина на дополнување на говорниот облик на содржините со гестикулација и микромимика, драмски паузи, сугестивен тембр и модерен стајлинг.
Но кенедиевската доба во политичката пропаганда денес се надополнува и проширува во блогосферата и социјалните мрежи, преку кои политичарите најлесно и најбрзо ќе може да допрат до голем број гласачи. По примерот на претседателот на САД, Барак Обама, профили на Фејсбук имаат голем број лидери на политички партии, а активни веб-страници имаат сите партии.
Некогаш прочуениот маклуановски логички алгоритам за медиумите како продолжение на човечките сетила, обврзна романтична лектира, носталгично ехо и анахронизам... во нашата (македонска) семплирана редимејд-ситуација и во периодите на изборите ќе ја имаат и клучната улога во нашите животи, особено сега во ерата на Фејсбук, Твитер, Интернет.
Авторот е публицист, филмски и ТВ-режисер
Автор: Аљоша Симјановски
Извор: Нова Македонија