Медиумска писменост

AddThis Social Bookmark Button
НАГРАДЕНИ ЕСЕИ
Во рамки на отворениот конкурс за кратки есеи, научни анализи и мултимедијални текстови од областа на медиумите и медиумската писменост, награда за најдобар есеј е доделена на Кристина Озимец за есејот на тема “Македонија е во детството на онлајн медиумите”.

Конкурсот ќе трае до 31 јуни 2011 година. Своите трудови можете да ги пратите на contact@idscs.org.mk, a изборот и НАГРАДУВАЊЕТО на НАЈДОБРИТЕ ќе се врши секоја недела, од страна на тим на Институтот за Демократија и Македонскиот Институт за Медиуми.
МАКЕДОНИЈА Е ВО ДЕТСТВОТО НА ОНЛАЈН МЕДИУМИТЕ

Медиумските куќи низ светот се соочени со се’ поголеми финансиски предизвици во потрагата по ресурси за финансирање на истражувачкото новинарство. Економската криза удри шлаканица и на квалитетот на информирање. Во исто време, знаењата на новинарите и достапноста до новите технологии се поголеми од кога и да е. Се’ повеќе експерти го гледаат спасот на новинарството во виртуелниот свет.

Во САД весниците ќе исчезнат за седум години. Во Канада и Норвешка печатените изданија ќе ги снема до 2020-та, а Австралијците по 2022 г. нема веќе в рака да држат вести на хартија. Ова се предвидувањата на Рос Даусон, австралиски футурист, кој тврди дека печатените весници ќе станат “незначајни” во 52 земји низ светот во следните три декади, меѓу кои спаѓа и Македонија, и дека тие ќе бидат заменети со други дигитални технологии. Новинарите, комуниколозите и читателите се поделени во ставовите за ваквите предвидувања. Некои ги прифаќаат како можни, а некои тврдат дека весниците во својата класична форма нема никогаш да изумрат, не можејќи да замислат што би правеле милиони луѓе низ светот без мирисот на мастилото, без навиката да земат весник в рака и со зачуденост од вестите пред себе да го пијат своето утринско кафе.
“Во Македонија сте среќни што ќе имате весници уште барем 20-40 години”, вели низ смеа за “Форум”, Јан Гунар Фурули, новинар во еминентниот норвешки весник “Афтенпостен” кој има годишен профит од дванаесет милиони евра и за една недела на неговата Интернет-страница привлекува 21,5 милиони посети. Тој смета дека скептицизмот кај новинарите за ваквите предвидувања за кои вели дека се многу реални, постои поради специјалното чувство кога се држи весник в рака.
“Читањето весници онлајн е нешто ново и за новите генерации. Моите деца, на пример, се чести читатели, тие читаат и весници, но повеќето од нивните информации доаѓаат од онлајн извори”, вели Фурули. Според него, Македонија е во детството со користење на онлајн-медиумите од страна на традиционалните медиуми, а моменталната ситуација го потсетува на Норвешка во деведесеттите.
“Овде има многу мали активности, повеќето онлајн-изданија имаат можеби еден, двајца или тројца ‘војници’ кои се трудат да ги направат онлајн-изданијата, но тие не можат без поддршката од новинарите од весниците, радијата и ТВ-станиците”, додава тој. Фурули и неговите колеги од “Афтенпостен”, кои во Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ги подучуваа македонските колеги за онлајн-новинарство, гледаат огромен потенцијал во земјава за развој на онлајн-медиумите.
Петер Марковски, уредник на вестите во “Афтенпостен” кој има македонско потекло, смета дека домашниот пазар нуди огромни неистражени можности за новите медиуми.
“Доколку ја имате репутацијата дека сте секогаш први, и дека сте први кои сте го разбрале онлајн-новинарството сериозно, ќе ја добиете публиката само со тоа што ќе знае дека сте први. Овде постои огромна можност да бидете број еден и да добиете лидерство на тој начин. На почетокот имавме само еден онлајн-весник во Норвешка и имаше стотици илјади читатели и огромен адвертајзинг бидејќи беа првите кои го сфатија онлајн-новинарството сериозно. Денес, доколку сакате сериозни вести на интернет, наместо да купите весник, ќе изберете една или две Интернет-страници. Сега во Норвешка сите го прават тоа”, вели Марковски за “Форум” и додава дека во почетокот во Норвешка печатените медиуми не придонесувале во онлајн-новинарството, за денес, во оваа земја, како и во САД и Европа, многу од весниците веќе да имаат интегрирани редакции во кои новинарите од печатените и онлајн-медиумите работат заедно.
МАКЕДОНСКИТЕ ОНЛАЈН-ИЗДАНИЈА НЕМААТ КОНЦЕПТ
Медиумските експерти забележуваат еден голема заедничка загатка кај македонските онлајн-медиуми и веб-портали: што, всушност, тие продаваат?
“Кога ќе посетам македонски веб-портал се прашувам кој ви е контентот и концептот, зошто луѓето да се потрудат да одвојат од нивното драгоцено време за да ја посетат вашата страница? Тоа е исто како кога ќе видите убава девојка и таа можеби има многу шминка, но мора да има нешто и внатре исто така, мора да има суштина”, рече за “Форум” еден од најискусните новинари во норвешкиот “Афтенпостен”, Пер Андерс Јохансен. Тој забележува дека овде недостасува транспарентен сервис кој ќе ги мери посетите на читателите на Интернет и ќе прави статистики врз кои ќе може да се потпрат клиентите. Во моментов, кога 51 отсто од граѓаните се активни корисници на Интернетот, се чини дека во Македонија постои историска шанса за оние кои сакаат да станат лидери во онлајн домашниот новинарски пазар. Експертите сметаат дека големите организации кои се веќе популарни медиумски брендови порано или подоцна ќе разберат дека ќе треба да вложат, а можеби и изгубат одредена сума на пари на почеток, за да изградат релевантни и добри онлајн-изданија кои ќе почнат да го придобиваат пазарот и ќе станат профитабилни во иднина.
“Овде немате доверба помеѓу разни организации и партнери во општеството. Медиумите не им веруваат на политичарите, политичарите не им веруваат на медиумите, а читателите, пак, не им веруваат ни на едните ни на другите. Не е ни чудно што во ваква ситуација читателите не сакаат да платат за да добијат информации од новинарите бидејќи веруваат дека информациите се корумпирани”, смета Пер Андерс Јохансен. Неговиот колега Фурули гледа и друг проблем кој го кочи онлајн-новинарството, а тоа е самоцензурата. “Странец понекогаш ќе предложи идеја и одредени луѓе овде го гледаат како вонземјанин, бидејќи еве го тука, говори за нешто што не е возможно овде да се направи, но, всушност, сè е возможно. Доколку имате храброст и креативност, треба да можете да направите добро квалитетно истражувачко новинарство и ние сме виделе примери за тоа, со добро финансираните истражувачки проекти веќе направени од македонски новинари”, вели Фурули.
КАКО ДО УСПЕШНО ОНЛАЈН-НОВИНАРСТВО?
Јавноста и медиумските работници имаат одредена недоверба во домашните онлајн-изданија за кои често се мисли дека се неисплатливи. Практиката на компензации помеѓу компаниите, трката по реклами и желбата за итен профит како и фатализмот на Македонците, особено оној помеѓу помладите новинари, влијаат врз идејата “да се живее” од онлајн-новинарството. Недостатокот на транспарентност и објективност кои ќе предизвикаат примамливост за луѓето да инвестираат пари во медиумите е сè уште голем проблем. Јохансен го гледа излезот од ваквата ситуација во независното новинарство.
“Можеби звучи наивно, но сигурен сум дека доколку одредена медиумска организација успее да застане некаде во средина, таа ќе го придобие престижот и довербата и преку ова ќе направи пари”, порачува тој и потсетува дека на луѓето секогаш ќе им требаат независни информации кои ќе стануваат сè поважни и поважни.
“Една модерна компјутерска компанија ја имаше една од најуспешните инвестиции откако инвестираше во мала веб-страница - скандинавија.онлајн, која стана број еден во Норвешка. Кога компанијата продаваше компјутери, овој веб-портал беше инсталиран како почетна страница и 80 отсто од компјутерите во Норвешка го имаа како свој хоум пејџ, и тие станаа најпопуларниот онлајн-портал со објективни сериозни вести и забава. На крајот, компанијата го продаде порталот за еден билион норвешки круни што е повеќе од 120 милиони евра”, раскажува новинарот Јан Гунар Фурули, потенцирајќи дека профитот никогаш не доаѓа за една година и дека е потребно трпение во овој бизнис. Тројцата колеги новинари од еминентниот норвешки весник “Афтенпостен” комплетно се согласуваат во едно нешто: онлајн-новинарството ќе го одбележи времето што доаѓа.
“Мислам дека печатените медиуми, телевизијата, радиото и онлајн-вестите наскоро ќе се соединат во нешто. Можеби нема да користиме компјутери во иднина, можеби ќе го користиме Интернетот на телевизија, но немам сомнежи дека онлајн-новинарството е иднината”, вели  новинарот Јан Гунар Фурули.

 

МИМIDSCSEJCФинансирано од:Министерство за образование и наукаВисока школа за новинарство и за односи со јавностаБиро за развој на образованието