Медиумска писменост

AddThis Social Bookmark Button
НАГРАДЕНИ ЕСЕИ
Во рамки на отворениот конкурс за кратки есеи, научни анализи и мултимедијални текстови од областа на медиумите и медиумската писменост, оваа недела награда за најдобар есеј е доделена на Бобан Ристевски за есејот на тема “ИДЕЈАТА ЗА КОМУНИЦИРАЊЕ ПРЕКУ ПЛАТФОРМИТЕ ЗА СОЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ”.

Конкурсот ќе трае до 31 јуни 2011 година. Своите трудови можете да ги пратите на contact@idscs.org.mk, a изборот и НАГРАДУВАЊЕТО на НАЈДОБРИТЕ ќе се врши секоја недела, од страна на тим на Институтот за Демократија и Македонскиот Институт за Медиуми.
ИДЕЈАТА ЗА КОМУНИЦИРАЊЕ ПРЕКУ ПЛАТФОРМИТЕ ЗА СОЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА ИНТЕРНЕТ

Ќе се обидеме да дадеме референтна рамка, за тоа како треба да изгледа начинот на комуникација и воопшто, дејствување, преку т.н. друштвени/социјални мрежи или платформи/медиуми за социјализирање (на Интернет)…
За да дојдеме до тоа во што се состои суштината на т.н. социјални или друштвени мрежи, може да се фокусираме на четири елементи што се својствени за самите друштвени мрежи, а тоа се: содржина, соработка/колаборација, заедница/заедништво и колективна интелигенција.
Содржината, сфатена како елемент на друштвените мрежи, се однесува на идејата дека социјалните медиуми му овозможуваат на секого да стане креатор, така што овозможуваат издавањето и дистрибуцијата на мултимедијалните содржини да биде слободно и лесно/едноставно, па дури и за аматерите. Содржините создадени од корисниците и желбата преку рекламирање од нив да се профитира, се наоѓа во самата срж на бизнис-моделот на речиси сите медиумски платформи за социјализирање. Но, тоа што на секого му е дадена можноста да стане креатор, не значи дека секој ја искористува таа можност. ПовеЌето од корисниците преферираат да ги конзумираат содржините, така што читаат блогови, гледаат видеа или разгледуваат фотографии.
Вториот елемент на друштвените мрежи, соработка или колаборација, се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат индивидуалните дејствија и постапки полесно да се трансформираат во поголеми, колективни резултати. Колаборацијата, како елемент на друштвените мрежи, се појавува во неколку различни форми (или на различни нивоа), и тоа: конверзација, ко-креација и колективна акција. Кога конзумерите и кураторите (или воопшто, корисниците) ќе се фокусираат на одредена содржина, тогаш таа содржина станува центар на нивната конверзација. Потоа, следниот чекор е ко-креација, а тоа понатаму води кон колективна акција. Значајно е да се започне со голема задача и цел, потоа тие да се поделат на помали, индивидуални делови, што на крај треба да бидат споени во една единствена целина.
Трет елемент на друштвените мрежи е заедницата или заедништво и тоа се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат продолжителна соработка во врска со една идеја, што може да трае подолго време и да се одвива од различни локации. Се подразбира дека заедништвото или заедницата што има голем број на членови што се меѓу себе цврсто поврзани и често комуницираат, е подобра од таа што ги нема тие карактеристики.
Колективната интелигенција, сфатена како четврт елемент, се однесува на идејата дека социјалните медиуми овозможуваат нешто повеќе од индивидуални постапки, а тоа е врз акциите што се преземаат да се примени заедничкото/колективно искуство на членовите на групата. Доколку така стекнатата колективна интелигенција, потоа, се подели со сите членови на групата, тогаш членовите Ќе имаат поголема причина повеќе да ја вреднуваат својата заедница, така што заедништвото и поврзаноста на членовите, на тој начин, само повеЌе се зголемува, како квантитативно, така и квалитативно.
Овие четири елементи на друштвените мрежи или на социјалните медиуми, формираат одредена хиерархија што е својствена за самите социјални медиуми. Секој од тие елементи, често, но не секогаш, претставува чекор што води кон следниот елемент. Содржината, што е од заеднички интерес, води кон суштествена колаборација, што е чекор кон вибрантна заедница, од што може да се екстрахира колективната интелигенција.
Актуелноста на т.н. социјални мрежи или сајтови за социјализирање и дружење постојано се менува… Во одреден период, некои од тие сајтови се популарни, за потоа нивната актуелност да спласне или да се промени и да добие некаква друга форма… Можеби сето тоа е одраз или знак за новиот вид на комуникација што технологијата им го наметнува на луЃето… Сигурно има повеќе т.н. социјални или друштвени мрежи на Интернет, отколку што можете да претпоставите (ако не верувате, погледнете ја листата со сајтови на Википедија). Како најпопуларен сајт од тој тип, пред извесно време се издвои Мајспејс, а сега неговата популарност и активност драстично опаднаа, за сега најпопуларни да се Фејсбук и Твитер.
Социјалните мрежи може да ги поделиме на неколку групи. Прво, тука се оние што се за општа намена (како тие што беа споменати претходно), но има и специјализирани, на пример, Фликер (за размена на фотографии), Аноби и шелфари (за љубители на книги), Девијант Арт (за визуелна уметност), Фликстер (за филмофили, иако се чини дека тој сајт никогаш не почна да функционира како што треба), итн.
И така доаѓаме до Твитер, друштвена мрежа наменета за т.н. микроблогинг (или микро-блогирање). Твитер им овозможува на тие што го користат да пишуваат кратки пораки, наречени твитови, преку кои тие најчесто ги соопштуваат своите моментални мисли што им доаѓаат во текот на денот (јавно, доколку профилот е јавен или приватно, доколку профилот е приватен)… Твитер најчесто или повеќемина го користат на ироничен начин (да не навлегуваме во подлабока анализа за тоа зошто е тоа така)… Според извесна статистика (преземена од - http://en.wikipedia.org/wiki/Twitter) , 41% од пораките на Твитер се бесмислено дрдорење, 38% се во форма на конверзација, 6% се за само-промоција, 4% се спам и исто така 4% се за новости…
И сега веднаш мора да правиме секакви детални анализи на сајтовите од овој вид. Веројатно по инерција, бидејќи вообичаено е детално да се анализираат сите нови компјутерски и технолошки хардвер и софтвер производи, па изгледа дека тој тип на анализи им е потребен и на т.н. социјални мрежи… На пример, во списанијата ќе прочитаме: огласи на Твитер, Твитер ја купи Клаудхопер, напад врз корисниците на Твитер, нова “дупка” во Твитер, итн. Знаете ли во што се состои новата “дупка” во Твитер? Тоа е пропуст на самиот сајт, што им овозможувал на некои од корисниците сами да одбираат и да додаваат следбеници (или followers). На тој начин, илјадници корисници на Твитер додавале нови следбеници, во главно познати личности, секако, без притоа тие да знаат за тоа. Понатаму, дознаваме дека Твитер ја поправил оваа грешка и ги отстранил оние корисници што некој “илегално” си ги додал како свои следбеници… Да не навлегуваме во подлабока анализа, за тоа зошто некој би сакал (нерегуларно) во својата листа на следбеници на Твитер да додаде некоја позната личност (кога, всушност, идејата на самиот сајт е тоа да се случува во обратна насока)…
Понатаму, знаете ли дека, според една анализа (исто така од - http://en.wikipedia.org/wiki/Twitter ), Твитер е еден од 15-те најпосетувани сајтови, во светски рамки… Бројката на тие што го употребуваат Твитер, месечно се зголемува за 1382% (додека Фејсбук заостанува со 228%)… Но, од друга страна, само 40% од корисниците на Твитер остануваат, тоест, ги задржуваат своите профили, додека другите 60% се откажуваат од сајтот и ги бришат профилите…
Како друштвена мрежа, Твитер е базиран на принципот на следење. Кога ќе одберете да следите некој од другите учесници на Твитер, неговите твитови ќе се појавуваат и ќе ги читате на вашата страница на Твитер. Ако следите 20 луѓе, ќе видите микс од секакви различни твитови на вашиот профил на корисник: кој што доручкувал, интересни нови линкови, музички препораки, па дури и известувања за иднината на образованието…
Конечно, може да се запрашаме што е со оние што немаат профил на Твитер? Или немаат профил на ниту една од социјалните/друштвени мрежи… Се обидов да дадам реален приказ за состојбата и суштината на т.н. социјални или друштвени мрежи, со посебен акцент на Твитер…
Но, што е со вас? Дали сте можеби луркер што надгледува или (како што се изрази една моја пријателка) залутан сталкер? На кој начин учествувате во т.н. друштвени мрежи, медиуми или платформи за социјализирање?! Дали може да ја искористите референтната рамка што беше понудена (со четирите елементи), за да ја оформите и пласирате вашата социјално-медиумска иницијатива? Или можеби имате ваши идеи, за некои други или нови елементи на социјалните медиуми? Слободно, искористете ја референтната рамка како пример, за да ја обмислите вашата активност и притоа додадете и ваши, сопствени елементи и карактеристики, за тоа што треба да претставуваат друштвените мрежи и како треба да изгледаат социјалните медиуми.

 

МИМIDSCSEJCФинансирано од:Министерство за образование и наукаВисока школа за новинарство и за односи со јавностаБиро за развој на образованието