Во рамки на отворениот конкурс за кратки есеи, научни анализи и мултимедијални текстови од областа на медиумите и медиумската писменост, оваа недела наградата за најдобра анализа е доделена на Тони Димитров за анализата на тема “МЕДИУМИ НА ЗАЕДНИЦИТЕ: ПРОМОЦИЈА НА СОЦИЈАЛНАТА КОХЕЗИЈА”.
Конкурсот ќе трае до 31 јуни 2011 година. Своите трудови можете да ги пратите на contact@idscs.org.mk, a изборот и НАГРАДУВАЊЕТО на НАЈДОБРИТЕ ќе се врши секоја недела, од страна на тим на Институтот за Демократија и Македонскиот Институт за Медиуми
Во целиот процес на развој, радиото покрај техничките, доживува и бројни трансформации и го менува својот облик и форма во зависност од наметнатата правна регулатива, општите потреби, а и потребите на оние за кој радиото е наменето. Така од јавен сервис, почнува се повеќе да се согледува неговата погодност за рекламирање во комерцијални намени, за конечно со демократизацијата на општествата да се почувствува и потребата од употреба на радиото како медиум кој ќе ги застапува правата на различните малцински групи. Сето тоа низ историскиот развој на радиото правно се регулира.
Од различните аспекти на организирање и регулирање на радиото, за потребите на оваа анализа ќе се осврнеме кон медиумите на заедниците како специфичен и се попопуларен медиум денес, осврнувајќи се поконкретно на студијата на Советот на Европа ”Промоција на социјалната кохезија: улогата на медиумите на заедницата” (Lewis 2008).
2. Медиуми на заедниците
Во организацијата на радиодифузните системи на одделните земји постојат големи разлики, сепак денес во светот можат да се идентификуваат четири видови радиодифузери: радиодифузери кои се под директна контрола на власта, јавни радиодифузери, приватни комерцијални радиодифузери и непрофитни радиодифузери кои популарно се нарекуваат ’медиуми на заедницата’ (Трпевска 2010: 144). Приватниот комерцијален сектор е денес доминантен во радио-дифузијата на најголем број земји и иако е комерцијален по својот карактер, тој придонесува за збогатување на плурализмот на содржините и разновидноста на изворите на информирање. Меѓутоа за плурализмот во радиодифузијата се мошне значајни и непрофитните радиодифузери чии програми се наменети за задоволување на потребите на малите заедници или малите делови на публиката. Овие радиодифузери вообичаено се нарекуваат медиуми на заедница (community media) или радиодифузери на заедница (community broadcasters).
Претходно споменатата студија поконкретно се осврнува на значењето на третиот медиумски сектор¸ иако во дискусијата за улогата на медиумите и социјалната кохезија неможе да ги игнорира и другите два сектора: јавниот и комерцијалниот, кој се пред се конкуренција еден на друг, како во врска со публиката, така и за фондовите. Добро е познато дека комерцијалниот сектор се обидува да таргетира потесни групи на потрошувачи, кој пак се вредни да бидат таргетирани доколку се способни да ги купат производите кој се рекламираат. Наспроти тоа старите луѓе, младите, хендикепираните и другите маргинализирани групи припаѓаат во листата на социјални групи кои добиваат неадекватно внимание од меинстрим медиумите. Овие трендови стануваат се позабележливи, па според тоа не е случајно што се повеќе се обрнува внимание на третиот медиумски сектор и на можните придобивки кои можат да ги донесат до овие општествени групи.
2.1 Медиумите и социјалната кохезија
McQuail (цитирано според Lewis 2008: 9) говори за дуална перспектива во врската помеѓу медиумите и општествениот поредок: медиумите можеме да ги гледаме како центрипетални, кој придонесуваат кон општествена интеграција и контрола или центрифугални поттикнувајќи неред и разновидност. Двете овие тенденции може да бидат набљудувани во оптимистичко или песимикстичко светло, во зависност од политичките ставови на набљудувачот или уште поважно, од режимот на власт. Според ова медиумите може да имаат позитивен ефект, обединувајќи ги расфрланите индивидуи, интегрирајќи ги новодојдените, обезбедувајќи заеднички вредности, идеи и информации, и помагајќи да се формираат идентитети. Од негативната страна медиумите може да бидат набљудувани како провокатори на општествена дислокација, поттикнувачи на индивидуалистичко или аномично однесување, тие го намалуваат нивото на општествена контрола или ги ослабуваат традиционалните вредности.
2.2 Дефиниција
За радиодифузерите чии програми се наменети за задоволување на потребите на малите заедници вообичаено се употребува терминот медиуми на заедница или радиодифузери на заедница (community media, community broadcasters). Во македонската легислатива за овие медиуми е усвоен терминот непрофитни радиодифузери, иако тие се дефинираат на сличен начин како и медиумите на заедницата. Според Член 10 од Законот за радиодифузната дејност: образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани и фондации можат да основаат непрофитна радиодифузна установа со цел за да се задоволат потребите и интересите на специфични целни групи. Медиумите на заедница се независни радиодифузери кои потекнуваат и му служат на граѓанското општество и кои работат заради остварување цели од општествен интерес, а не за остварување профит. Оттаму и терминот ’непрофитни медиуми’ соодветствува на карактерот и целите на овој радиодифузен сектор. Медиумите на заедницата се во сопственост најчесто на локални здруженија, невладини организации, образовни институции, верски и културни организации или други асоцијации кои му припаѓаат на граѓанското општество (Трпевска 2010: 157).
2.3 Историја
Практиката на третиот медиумски сектор претходи на теоријата во повеќето случаи, а практиката произлегува од потребите на заедниците. Пионерите и социјалните групи секако не чекаат на академијата и регулаторите да ја дефинираат нивната активност туку започнуваат да ги реализираат своите потреби. Првиот модел на ваков тип медиум е KPFA во Беркли, Калифорнија и радио Sutatenza во Колумбија кој се јавуваат во доцните 1940-ти, а се опишуваат како "радио спонзорирано од слушателите" или "радио училиште". Префиксот заедница влегува во употреба кон крајот на 1960-тите за да се опишат каналите со отворен пристап на кабелската во САД и се користел во Канада од страна на регулаторот CRTC за да се направи разлика помеѓу community programming, што значи вклученост на заедницата во сопственоста и создавањето на програмата, од local programming, програма креирана од страна на персоналот за локалните луѓе и настани. До средината на 1970-тите во САД радио станиците спонзорирани од слушателите стануваат познати како "медиуми на заедницата" и се формира Националната Федерација на Радиодифузери на Заедницата (National Federation of Community Broadcasters). Правила на членство на NFCB вклучуваат препораки за непрофитните организации, јавениот пристап, вклучувањето на жените, луѓе од третиот свет и разновидноста во културата и мислењето (Lewis 2008: 11).
Се ова го инспирира и англиското движење за медиумите на заедниците, воедно и различните формулации на AMARC (Association Mondiale des Artisans des Radios Communautaires или World Association of Community Radio Broadcasters) формиран 1983-тата, кога radios libres или слободното радио е веќе значајна одлика на радиодифузниот пејзаж во Португал, Италија, Франција, Белгија. Слободно овде се употребува во контекст на ослободено од регулативите и монополите на централизираните државни радиодифузни организации, но, под влијание на тенденцијата концептот radios libres да се презема од страна на комерцијалните мрежи, radios associatives станува официјална етикета за радијата во непрофитниот сектор, додека communautaire за проектите во областа на медиумите во најопшта смисла. Во јужна Америка пак радио школите (radio schools) продолжуваат да постојат, но се повеќе се користат термините радио на народот (people’s radio) или учеснички медиум (participatory media).
Од оваа страна на океанот, на островото, во 1977-та се основа Британската групација за комуникации (British Community Communication Group), за да се бори за воведување некомерцијално локално радио кое вистински ќе служи на потребите на локалните заедници (Šingler; Viringa 2000: 40). Информациите не секогаш стигнуваат до слушателите преку званичните информативни редакции и многу луѓе чувствуваат дека информациите кој ги добиваат не секогаш имаат демократски обележја. Многу малцински групи сметале дека информациите се воглавно наменети за мнозинското население, а интересите на помалите, помалку влијателните заедници биле занемарени. За да ја поправи таа состојба, лабуристичката влада во Англија, која во средината на седумдесеттите доаѓа на власт, ја објавува својата намера да изврши експеримент со локалните радио-станици. Здружението на локални радио-станици е основано 1983-тата, по долгогодишно агитирање на групацијата Com-Com (Community Communication Group), кое барало малцинските групи да добијат пристап до фреквенциите за јавно емитување на програма. До 1985-тата се донесени прописи за локални радио-станици, со што се сметало дека на тој начин ќе се озаконат алтернативните радио-станици од кој се очекувало да ги заменат “одметничките” пиратски радио-станици на копно. Воведени се два вида дозволи за работа: една за мали, соседски радио-станици кој би требало да ги задоволуваат потребите на локалните заедници; другите за покривање на пошироки територии и обезбедување емисии за поголем број заедници. Владата ги воведува и краткорочните дозволи за работа на локалните радио-станици (Restricted Service Licenses – RSL), чија максимална должина на траење е осум недели (Šingler; Viringa 2000: 57-58). Во 1986-тата министерстово за внатрешни работи ги укинува експериментите со радио-станиците на заедниците .
3. Третиот медиумски сектор и социјалната кохезија
Во светската практика, медиумите на заедниците се широко употребувани за изразување на маргинализираните или хендикепирани групи кој се дефинираат себеси според род, возраст, сексуална ориентација или географска изолираност, како нај општите примери, но во современиот европски контекст ова прашање главно се занимава со малцинските етнички групи.
Луис во студијата прави дистинкција помеѓу: (1) јазични заедници кој претходат на нациите внатре кој се наоѓаат; (2) оние кој доаѓаат во Европа како последица на колонијалните и постколонијалните врски или како бегалци од прогоните (како на пример еврејската дијаспора); (3) група која се појавува по скорешните поместувања во обрасците на миграцијата и креирањето на новите демократии по распаѓањето на Советскиот Сојуз или Југославија, кој процеси подразбираат пристигнување на нови малцински јазични заедници, без претходно искуство за земјите домаќини (Lewis 2008: 27).
Во повеќето Европски земји, малцинските групи треба да чекаат долго пред да ги доживеат отстапките меинстрим медиумите да започнат да ги застапуваат нивните погледи и култура. Мигрантите и бегалските заедници не чувствуават дека се еднакво и правично репрезентирани во националните меинстрим медиуми, а според тоа и не се гледаат како еднакви граѓани на земјата каде се населени.
Според оваа поделба радиодифузерите на заедниците може да завземат форма на:
• термини доделена на една малцинска етничка група во рамките на програмата на станица во сопственост на една поширока група (почест случај)
• или во некои случаи може да биде станица целосно во сопственост на едно малцинска етничка група
Понатаму оваа студија го поставува прашањето: до кој степен медиумите на заедниците помагаат во двојната улога на создавање простор за изразување на малцинските култури и јазици, и давање помош на малцинските групи. Во тој контекст прави разлика помеѓу полилингвалност и мултилингвалност кај медиумите на заедниците, каде полилингвалноста или повеќејазичноста означува постоење на повеќе програми секоја од нив на различен јазик, додека мултилингвалноста или мултијазичноста означува употреба на различни јазици во една програма. Во Европа е почесто да се сретне повеќејазичниот пристап во кој различни јазици се употребуваат во посебни емисии во програмскиот распоред. Меѓутоа, исто така, употребуванњето на јазиците на мнозинството има тенденција на пораст. Овие мултијазични програми се обидуваат да ги направат проблемите на одредена јазична заедница разбирливи за пошироката публика, што претставува пресуден чекор во правец на вистинска размена помеѓу мнозинството и малцинствата.
4. Медиумите на заедниците во пракса
Голем дел од овие медиуми на заедниците ја сфаќаат буквално синтагмата да бидат “платформа на малцинските групи”. Постојат голем број примери за вакви радио станици, меѓутоа за потребите на овој есеј ќе споменеме некој од позначајните примери за локалниот контекст, претежно радио мрежи на медиуми на заедниците каде се вклучени и локални медиуми кој се занимаваат со прашања кој ги засегаат заедниците. Тоа се Crossradio мрежата и Radia мрежата, каде е вклучено и локалното радио Канал103.
4.1 Crossradio
Низ деведесеттите, комуникацијата и размената помеѓу културните и уметничките сцени помеѓу екс-Југословенските републики исто така станаа жртва на конфликтите кој се случуваа на Балканот. Врските беа прекинати, информациите блокирани, продукцијата попречена. Она што некогаш беше хомогена културна сцена во Југославија, е веќе распарчено. Оттука произлегува и потребата од појавување на медиуми или иницијативи за некакво вмрежување со цел полесен проток на информации помеѓу овие сега веќе расцепкани сцени.
Еден од најистакнатите примери на вмрежување на медиуми на заедницата од регионот е Cross Radio проектот, кој претставува прва иницијатива која се обидува да ги реизгради мостовите на комуникација и кооперација во областа на радиото и културата. Cross Radio претставува интернационална мрежа на поединци, НВО-а и радио станици, помеѓу градови на територијата на бившата СФРЈ. Оваа мрежа емитува програма на дваесет радио станици од Скопје, Загреб, Белград, Нови Сад, Зрењанин, Сомбор, Суботица, Сараево, Мостар, Љубљана, Марибор, а во мрежата се вклучени и Цирих и Базел. Делува во областа на алтернативната и урбаната култура, а основната цел е промоција на уметноста, културата воопшто, различноста и меѓусебното разбирање.
Мрежата е формирана во февруари 2001 година од група на радио активисти од радио станиците B92 (Белград), Radio Student (Загреб) и Radio Student (Љубљана) кој доаѓаат на идеја да разменуваат радио емисии на неделна основа. Идејата е секоја од овие станици да креира дваесет минутен прилог за моменталните активности и случувања на локалната културна сцена со фокус на новата, млада, независна културна продукција и сцена. Тие прилози, снимени на минидиск, најпрвин се разменуваат користејќи го јавниот транспорт помеѓу овие градови. Секоја од членките потоа ги емитува сите овие прилози во едночасовен термин на Cross Radio емисијата. По неколку месеци на позитивно искуство од овој начин на работа, нови радио станици се поканети да се вклучат во проектот, со намера да се опфати целиот екс ЈУ регион, а интеренетот станува медиум за размена за на програмите.
Во моментов Cross Radio проектот вклучува дванаесет радио станици – пет од Србија, две од Босна и Херцеговина, две од Словенија, една од Косово, една од Македонија и една од Швајцарија (опслужена од членовите на Босанската заедница во Цирих). Според ова, еден од најбитните аспекти за нашиот предмет е мултијазичниот принцип функционирање на Cross Radio. Секоја од радио станиците членки во мрежата, го креира својот прилог на локалниот јазик (освен Приштина која употребува Англиски), со што слушателите се поттикнати да ги реобноват (или научат за прв пат) јазиците кој се зборуваат во бившите Југословенски републики – Словенски, Македонски, Српски, Хрватски или пак да ги сфатат сличностите и разликите помеѓу нив. Во некој делови ова е сепак проблематичено прашање, како на пример во Косово, каде Српскиот јазик е практично забранет во секојдневниот живот. Иако целата ова практика се соочува со извесни проблеми во врска со разбирањето на одредени делови на радио прилозите во одредени подрачја, сепак Cross Radio и неговиот мултиујазичен принцип е од екстремно значење за промовирање на културниот и јазичкиот диверзитет во екс-Југословенскиот регион, особено меѓу младите слушатели, кој практично не биле во допир со таа култура и јазик или едноставно не живееле во она што некогаш се нарекуваше Југославија.
4.2 Radia
Започната во април 2005 година, Radia мрежата е меѓународна неформална мрежа на радио станици на заедниците кои имаат заеднички интерес во производство и споделување на уметнички дела за радио. Во 2010 година мрежата собира 17 радио станици од 15 градови низ 11 земји, говорејќи 7 различни јазици. Таа исто така организира различни настани поврзани со радиото или радио уметноста и различни специјални емитувања. Radia мрежата има намера да биде слободен простор за размислување за и околу радиото и радио уметноста денес. Нејзините активности се обидуваат да придонесат за интеркултурна размена и проток на уметнички дела и уметници.
Помеѓу 3 и 7 февруари 2005 година се одржува првата средба на радио станиците во Берлин под знамето на NERA (New European Radio Art). Донесена е одлука да се започне со емитување веќе следнииот април, а формирана е и е-мејл листа за дискусија на која конечно беше донесено и името Radia. Членови на Radia мрежа се радио станици, web радија и уметнички-радио проекти од независен, не-комерцијален и културен вид. Основачките радио станици вклучуваат девет радио станици: Resonance FM (Лондон), Radio Zero (тогаш познато како RIIST, Лисабон), Kanal 103 (Скопје), Reboot.fm (подоцна станува Backyard Radio, Radio 1:1 и Herbstradio, Берлин), Radio Campus (Брисел), Radio Cult (Софија, неактивно од декември 2006), Tilos Radio (Будимпешта, неактивно од декември 2007), Orange (Виена), Radio Oxygen (Тирана, никогаш не контрибуира). Подоцна се вклучуваат уште 13 радио станици. Во моментов сите членови се европски радио станици, но оваа мрежа интендира да расте и стане не само поголема туку и по дивергентна.
Името на мрежата се однесува на La Radia, манифестот на футуристите напишан од Федерико Томазо Маринети и Пино Масната во 1933-тата. Од името е исфрлено Ла за да се дистанцира од политичките ставови на футуристите. Доколку во името стои само Radia, во некои јазици тоа може едноставно да означува "радио" или "радија". Основата на Radia мрежата е неделна 28 минутна програма емитувана од страна на сите станици. Секоја станица произведува програма наизменично во циклуси, а секој циклус се нарекува сезона. Да ги сподели овие програми мрежата го користи Radioswap.net, полу-јавна затворена платформа за размена на програми помеѓу медиумите на заедниците. Денес мрежата користи простор на серверот на еден од нејзините членки.
Како што е наведено во џингловите на мрежата, Radia "носи нови и заборавени начини за создавање радио до нивните слушатели. Секоја недела им овозможува на уметниците предизвик да направат радио кое ќе функционира низ цела Европа и пошироко". Radia програмата има намера да ги премине границите и е наменета за луѓе со различни јазици и култури. Пред се истражува различни жанрови на радио уметноста, одделно или со мешање на звучна уметност, електроакустична музика, звучна поезија, радио драма, звучни пејзажи... Обично секоја радио станица членка предлага уметник од нивната локална уметничка заедница и му дава потоплна слобода во креирање на програмата. Во таа смисла Radia го користи радиото како галерија за дела од звучната уметност.
Мрежата Radia 2007-та добива почесена награда Prix Ars Electronica во категоријата дигитални заедници на Ars Electronica фестивалот.




Едно истражување во САД, извршено на 1000 испитаници, покажало дека се повеќе конзументи ги гледаат омилените телевизиски содржини на интернет-страници од типот на „






