Медиумска писменост

AddThis Social Bookmark Button

Нова Македонија: Интерактивните квизови - брза и слатка измама

 

Доброразработена шема, затскриена зад емисии на националните телевизии, секој ден поткраднува граѓани оставајќи ги да трошат пари на телефонски јавувања, за премија што е речиси невозможно да ја добијат. „Големиот кеш“, „Среќна ѕвезда“, „Ало, ало“, Островот на богатството“, „Каса“ се наводните игри на среќа преку кои се манипулира со граѓаните. Тие се навлекуваат да се јавуваат на телефоните прикажани на малите екрани и да трошат пари играјќи за главната премија, која се зголемува од минута на минута, и достигнува суми и над 60.000 денари.

 

kviz1

За ова завчера реагираше и Трајко Вељановски, претседателот на Собранието, кој изјави дека ќе преземел мерки за да ја испита работата на интерактивните квизови. Тој истакна дека имал многу поплаки од граѓани што се пожалиле дека се буквално ограбени од телевизиите.

 

 

- На средбите со граѓаните, но и од телефонските реакции, соочен сум со секојдневни поплаки за интерактивните квизови. Луѓето се жалат дека се буквално ограбени - изјави Вељановски.


Инаку, шемата е застрашувачка, а целна група најчесто се пензионери, средношколци и домаќинки. И сето тоа се случува пред очите на сите надлежни институции - Советот за радиодифузија, Министерството за финансии, МВР, Агенцијата за електронски информации и друштвата за заштита на потрошувачите. Емисиите одат секој ден, и тоа во повеќе термини. Еден повик чини околу 50 денари, без ДДВ.


Според доброупатени извори, кои се дел од организацијата на овие интерактивни квизови, играта е осмислена така што најчесто во оптек се повеќе точни одговори додека е во тек емисијата, па така, без разлика што ќе каже гледачот, одговорот секогаш му е погрешен.


На пример ви нудат „Дрвена к_ _ _ _а“, а имаат систем од повеќе подготвени одговори, така што точниот одговор никогаш нема да го погодите, а ќе ве шетаат во зависност од буквите што се во оптек на вашите мали екрани. Значи, може да биде „Дрвена кутија“, „Дрвена карика“, „Дрвена кубура“, „Дрвена касета“. И по безброј јавувања и потрошени телефонски импулси, младата водителка уште и нервозно ќе ви се обрати со зборовите „Ве молам не ме лутете, ве молам, дајте го точниот одговор и земете ги парите... ве молаааам“. На крајот одговорот го погодува непознат гледач, кој се претставува најчесто како „Трпе од Битола“ и слично, без при тоа да остави лични податоци или број на телефон.


- Не ми е јасно како можат да го лажат и да му ги земаат парите на народот. Ставаат празни места и линија што заменува збор. Збор што може да биде што било. Чекаат да се јават одреден број луѓе, да соберат некоја одредена сума, па повторно ги елиминираат зборовите што ги кажуваат гледачите, па ставаат неколку нови букви и сé така додека не остане последниот можен збор и не си ги наполнат џебовите. На крајот, додека камерата ги покажува парите, водителката го заменува пликот што содржи друг збор. Оној збор што го кажал некој од режија, а глуми среќен јавувач! - коментираат граѓани што биле непријатно изненадени од високите телефонски сметки на крајот на месецот.


„Фантастично! За малку не успеавте да се вклучите во наградниот квиз!“ Овој автоматизиран одговор најчесто ќе го добиете од операторите на актуелните интерактивни квизови што се емитуваат на комерцијалните национални телевизии.


Виктор Гроздановски, директор на телевизијата Канал 5 плус, вели дека не се согласува со ставот на Трајко Вељановски.


- Не е точно дека такви квизови не се организираат во други европски држави. Земете ги за пример Хрватска и телевизиите Нова и ХТВ. Ние само ги емитуваме тие емисии, а нив ги организираат независни продукциски куќи што имаат дозвола за такво нешто - вели Гроздановски.


Тој нагласува дека во последно време почнала интензивна соработка со Советот за радиодифузија.


- Ние ќе имаме предупредување дека квизот е забранет за малолетници. Тоа е сé што можеме да сториме. Но учесници се и луѓе од повозрасна старосна структура - вели тој.


Тој тврди дека сите добитници на наградите од телевизијата Канал 5 биле најобични граѓани.


- Што се однесува до нашата телевизија, исплатата е регуларна. Можеби имало мали проблеми за доцнење на исплатата, но другото е регуларно. Обично се пуштаат десет јавувачи во исто време, а само еден се вклучува во програмата - вели Гроздановски.


Во Советот за радиодифузија велат дека имаат поплаки од граѓани, но дека немаат надлежност да интервенираат освен да испраќаат предупредување до телевизиите.


- Надлежностите се многу нејасни оти Законот нема точни одредби. Ние не можеме да ги забраниме овие емисии освен да реагираме со правилници за заштита на интересите на гледачите, особено за малолетната популација - велат во Советот.


Извор:

Нова Македонија

 

 

МИМIDSCSEJCФинансирано од:Министерство за образование и наукаВисока школа за новинарство и за односи со јавностаБиро за развој на образованието