Читателите на вести на Интернет верни на омилените страници
Покрај огромното количество на достапни содржини на Интернет, се чини дека најголемиот број од оние кои ја користат мрежата за читање вести не се одвојуваат многу од своите омилени веб-страници.
Според новото истражување на „Pew Center's Project for Excellence in Journalism“, 35% од луѓето кои читаат вести на интернет имаат омилена страница, додека 21% се „моногамни“, односно се потпираат само на една страница за читање вести. Дури 57% од испитаниците, за да ги прочитаат најновите вести, одат на две до пет страници со новости. Истовремено, само 7% од испитаниците би платиле за пристап до вести преку Интернет.
Истото истражување, користејќи ги податоците од „Nielsen Online“, покажало дека од илјадниците страници со новости во САД, седум проценти генерираат 80% од сообраќајот. Интересен е и фактот дека посетителите подолго се задржуваат на најпопуларните страници за вести одошто на агрегаторите за вести.
Уште еден важен податок од истражувањето е дека граѓанското новинарство се шири забрзано на локално ниво, воведувајќи мноштво иновации. Сепак, ваквата состојба се уште нема да ги загрози репортерите од весниците, но секако може да резултира со соодветна колаборација во полза на корисниците, се вели во извештајот од истражувањето.
Извор:









