Пулицерови награди 2010: Дигиталните медиуми најпријатно изненадување
![]()
Најголемото изненадување на доделувањето на Пулицеровите награди за 2010 година, кое се одржа синоќа, беа наградите кои отидоа во рацете на новнари од дигиталните медиуми. Имено, „ProPublica“ и „The San Francisco Chronicle“, со добивањето на „Пулицер“ за содржини објавени на Интернет, навестија нова ера во новинарството.
Шери Финк од невладината организација „ProPublica“ која се занимава со истражувачко новинарство и делува исклучиво на Мрежата доби награда за истражувачката статија посветена на тешките одлуките што докторите од Њу Орлеанс морале да ги носат во време на ураганот Катрина. Оваа статија беше создадена во соработка со „The New York Times“, а наградата што ја доби е првата која е доделена за соработка помеѓу традиционален весник и дигитален медиум каков што е „ProPublica“.
Бордот на Пулицеровите награди истакна дека во годините што следуваат очекува да види што повеќе соработки од ваков тип, посебно ако се има предвид тешката состојба во која се наоѓа индустријата. Ова е мошне позитивен сигнал за дигиталните медиуми ако се знае дека Пулицеровите награди не се доделуваат единствено за високи стандарди во новинарството, туку се и своевидна рефлексија на насоките во кои новинарството се очекува да се движи во иднина. Затоа, успехот на „ProPublica“ отвора нови хоризонти за сите непрофитни истражувачки организации, кои сега би можеле да го понесат товарот на трошоците, кои се најголемиот проблем кога станува збор за истражувачкото новинарство и традиционалните медиуми.
Вториот „Пулицер“ кој беше доделен за интернет-содржина отиде во рацете на „The San Francisco Chronicle“ за карикатура објавена во електронското издание на весникот.
Со неоидамнешните промени во правилникот за конкурирање за Пулицеровите награди се отвори простор за дигиталните медиуми, кои како што гледаме, истиот мошне вешто го искористија, стекнувајќи додатен легитимитет во друштвото, досега наменето за „традиционалците“. Во иднина, оправдано, очекуваме ова друштво уште повеќе да се „измеша“.
Извор:









