Најпопуларните социјални мрежи за музика
Интернет-радиото можеби влегува во несугирни води, но многу од социјалните мрежи за музика продолжуваат да бележат голема популарност. Ако сте член на бенд, овие веб-страници се мошне битни за промоцијата на вашата музика. Затоа, додајте ги следниве линкови во “bookmarks” и зачленете се на што поголем број од музичките социјални мрежи кои денес ви ги презентираме. Се разбира, „MySpace“ е изоставена од листата затоа што нема потреба некому да ја претставуваме.
„Flotones“ е социјална мрежа за музика на која меѓу другото ќе можете да промовирате и дистрибуирате содржини преку мобилните телефони (мелодии за ѕвонење и позадини за екран). За содржината што ќе ја поставите претходно потпишувате договор кој ви овозможува да профитирате од продажбата на истата на фановите.
„Radio 2.0“ на „Mercora“ е социјална мрежа со интегриран сервис за бесплатно слушање музика. При самото зачленување, „Mercora Radio 2.0“ ќе го пребара вашиот хард-диск и сета најдена музика ќе ја направи подготвена за емитување од вашиот профил, со што ќе можете вашата музичка библиотека да му ја понудите на светот во форма на своевидна радио станица. За таа цел понудени ви се повеќе канали на кои можете да поставите различни плејлисти.
„MOG“ е социјална мрежа која ви помага да „ги пронајдете луѓето преку музиката и да ја пронајдете музиката преку луѓето“. Во основа „MOG“ ви олеснува да пронајдете нова музика за слушање преку филтри кои сами ги конфигурирате. Оваа веб-страница им нуди на корисниците и вести и критика поврзани со светот на музиката. На „MOG“ можете да ја гледате и музичката телевизија која континуирано емитува музички видеа преземени од „YouTube“.
„Last.fm“ е една од најпопуларните музички социјални мрежи. Претставува сервис кој ги чува податоците за музиката што сте ја слушале и врз таа основа ви препорачува музика која би можело да ви се допадне. „Last.fm“ можете да го користите за слушање музика, добивање информации за вашите омилени изведувачи, поврзување со луѓе со сличен музички вкус како вашиот, како и за создавање топ-листи кои ќе ги објавите на вашиот профил. „Last.fm“ исто така им дозволува на изведувачите и издавачките куќи да закачуваат сопствена музика и да ја промовираат бесплатно.
„iLike“ исто така е сервис за кој веројатно сте чуле. Тој ќе ви помогне да ја организирате вашата музика, да го споделите вашиот музички вкус и да пронајдете нови изведувачи преку вашите пријатели. Со пријателите можете да ги споредувате музичките колекции и да добиете увид во нивната компатибилност.
„JamNow“ е социјална мрежа која е посветена првенствено на музичарите. Како таква, оваа мрежа нуди создавање аудио содржини во реално време на Интернет. Она што го разликува „JamNow“ од останатите музички социјални мрежи е тоа што не е сервис кој едноставно нуди постирање и слушање музика, туку овозможува музичка соработка во живо, а дури нуди и опција за закажување на живи свирки или слушање на музичарите кои свират во конкретниот момент.
„Midomi“ е музичка мрежа која ви помага да пронајдете нова музика. Најинтересното во врска со „Midomi“ е дека можете да побарате песна едноставно пеејќи ја или „хмкајќи“ ја! Се што ви треба е микрофон поврзан со компјутерот. Микрофонот можете да го користите и за интеракција со пријателите и заедницата на социјалната мрежа.
На „iJigg“ можете да ја оценувате музиката што ја слушате и да влијаете врз популарноста на поединечните песни и изведувачи. Оваа мрежа ви нуди можност да отворите сметка како „слушател“ или „изведувач“, со што ќе добиете пристап до различни содржини и функции.
„Sellaband“ е музичка социјална мрежа која ги претвора фановите и слушателите на ден бент во можни продуценти, нудејќи опција тие да инвестираат во бендот или изведувачот кој е нивни фаворит, со што би помогнале во градењето на неговата/нивната кариера. За возврат секој инвеститор, чиј бенд ќе стане популарен добива можност да се стекне со дел од профитот. Изведувачите кои ја користат оваа мрежа добиваат шанса за финансиска поддршка уште и од рекламите поврзани со нивната музика која е достапна за бесплатно симнување.


















