Телевизиските гледачи се вртат кон Интернетот
Едно истражување во САД, извршено на 1000 испитаници, покажало дека се повеќе конзументи ги гледаат омилените телевизиски содржини на интернет-страници од типот на „Hulu“, наместо на телевизиските апарати. Се покажало дека дури 83% од помладата популација во САД гледа барем дел од телевизиските содржини со посредство на Интернет.
Истражувањето, спроведено од страна на страницата за електорнско купување „Retrevo“, покажало дека големи 64% од гледачите гледаат одредени телевизиски содржини на Интернет. Од нив, осум проценти гледаат најголем дел од ТВ содржините на Интернет, а пет проценти ТВ содржините ги гледаат исклучиво на Интернет. Истовремено, четвртина од испитаниците на возраст под 25 години изјавиле дека гледаат најголем дел од ТВ содржините на Интернет, додека 6 проценти тоа го правеле исклучиво на Интернет.
Од демографски аспект, интересно е и дека мажите побрзо би ги замениле ТВ апаратите за компјутерските монитори, кога станува збор за гледање телевизиски содржини – 17%, наспроти 9% кај жените.
Како главна причина за свртувањето кон Мрежата, добар дел од испитаниците ги навеле високите цени на телевизиска претплата, без разлика дали станува збор за кабловска или сателитска телевизија. Основни причини, пак, за верност кон класичнита телевизиска конзумпција биле директните преноси на спортски настани, телевизискиот сигнал со висока дефиниција (HD TV), и можноста да се гледаат премиерите на омилените телевизиски емисии (наспроти одложеното гледање на интернет).
Сепак, и оние кои имаат причини да се држат цврсто до своите ТВ апарати, наскоро ќе се најдат пред ново искушение, со појавата на ТВ апарати кои поддржуваат Интернет. Овие уреди веќе се појавија на пазарот, а големо е и интересирањето на софтверските компании за пазарот кој допрва треба да се отвори. Затоа, ќе биде интересно да се види како ќе еволуира телевизиската понуда на Интернет во следниот период и ќе биде ли телевизиската индустрија на исти искушенија како и новинската.
Извор:









